Процесот кон пристапување кон ЕУ ќе помогне да се положат темелите за попросперитетни и помирни времиња кои се засновани на темелните вредности и демократските начела. САД ги поддржуваат земјите членки на Унијата да ја одржат првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија и без одложување да ги остварат своите заложби и ветувања, рече помошникот државен секретар на САД Филип Рикер на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев на Преспа форумот.
Рикер забележа дека, како што рече, храбрата дипломатија која С Македонија ја остваруваше со Преспанскиот договор во комбинација со заложбата кон добрососедските односи помогнала да се обликува траекторијата на Западно Балканскиот регион кон ЕУ и НАТО, кој е важен за вас и за нас.
Администрацијата на Бајден, посочи тој, е фокусирана целиот регион да се ревитализира и да се подигне нивото на транзиција во трансатлантската врска.
– Визијата на САД за Западен Балкан е постојана низ неколку децении. Идејата е да се постигне регион со мирни односи внатре и со своите соседи и целосно интегриран во евроатлантската мрежа. Факт е дека Северна Македонија е Европа. Ова е европска земја. Тоа е вкоренето не само во вашата историја, туку и во вашата географија – нагласи Рикер.
Заев повтори дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди.
Премиерот се осврна и на најавата за интензивирање на, како што рече, одличните билатерални политички, економски и културни односи со САД, посочувајќи дека постои огромен потенцијал за инвестиции на американските компании во Македонија.
– Тоа го потврдуваат дури десет американски компании кои вложија неколку стотици милиони долари во развој на свои капацитетите во ТИРЗ-овите во нашата земја – додаде Заев.
– Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално – истакна премиерот Заев.