Италијанците, а посебно жителите на главниот град, излегувањето од долгата изолација го прославија уживајќи во сладолед.
„По седмиците минати во своите домовои, многу Италијанци се одлучија да се почестат со сладолед. Индустријата е спасена“, славенички објави земјоделскиот сојуз Колдирети.
Во Италија се регистрирани 39.000 локали во кои се послужува сладолед, во кои се вработени 150.000 лица, и годишно продаваат сладолед во вредност од 2,8 милијарди евра.
Речиси 240 тони сладолед биле изедени минатиот викенд во Рим и во неговата покраина Лацио, но со подеднаква страст и сласт во специјалитетот уживале и во другите делови од земјата.
За големата потрошувачка на деликатесот кој разладува и освежува, не придонел само крајот на карантинот, туку и температурите кои беа повисоки од просечните. Во Италија ова е најтоплата година откако започнале мерењата во 1880 година.
Според статистичките податоци, неверојатни 94 отсто од Италијанците редовно јадат сладолед, а 70 отсто од нив најмногу го сакаат во топки во корнет. Секој Италијанец годишно во просек јаде повеќе од шест килограми сладолед.