![evrozona](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/evrozona.jpg?resize=300%2C168&ssl=1)
Италија поради рускиот напад на Украина бара подолга суспензија на Пактот за стабилност и раст на Европската унија, стои во нацрт-резолуцијата на италијанскиот парламент, која сигнализира дека би требало да бидат уважени економските последици од санкциите против Русија.
Владата во Рим, исто така, повикува на основање фонд за комензација не државите на ЕУ кои се најтешко погодени од санкциите против Русија поради нападот врз Украина. Предлозите се изнесени во парламентарната нацрт-резолуција за којашто ќе се гласа подоцна во вторникот, пишува Reuters.
Според неодамнешните изјави на главниот економист на Европската централна банка (ECB), Филип Лане, војната во Украина би можела да го намали бруто домашниот производ (БДП) во еврозоната оваа година за 0,3 до 0,4 отсто.
Тоа би било „неутралното сценарио“, им кажал мината седмица Лане на колегите на неформалниот состанок на Управниот совет на ECB, според наводите на четири упатени извори. Дневниот ред на состанокот непланирано го одбележал нападот на Русија врз Украина, потиснувајќи ја во втор план дискусијата за укинување на пандемиските монетарни поттикнувања.
Лане го претставил и „сериозното сценарио“, според коешто БДП-то би се намалило приближно за 1 отсто, и „благото сценарио“ според коешто настаните во Украина не би имале влијание врз 19-члената економија, што се сега се смета многу малку веројатно, рекле соговорниците на агенцијата.
Еден извор рекол дека претставените процени се груба пресметка, а друг дека се „многу прелиминарни“. Според трет извор, пак, главно се темелат на цените на сировините.