Ристески: Жерновски и СДС продолжуваат со незаконито и расипничко работење во Општина Центар

Андреј Жерновски и СДС продолжуваат со незаконито и расипничко работење во Општина Центар. Претседателот на советот на СДС, Мирослав Шиповиќ го обвинува за луксузирање, наместени тендери и безмилосно трошење на парите на центарци за свои лични потреби, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Наместо Жерновски и СДС да ги решаваат проблемите на жителите на Центар, секојдневно сме сведоци на скандали во кои се замешани лично Жерновски и неговите најблиски соработници. Шиповиќ го обвинува Андреј Жерновски за местење на тендери, а Шиповиќ како близок соработник најдобро знае како функционира Жерновски. Според Шиповиќ набавките во општина Центар се однапред правени и изведени само со еден понудувач во најголем дел од случаите. Ова се сериозни индиции за криминал кој треба да бидат истражени од надлежното Јавно Обвинителство. Обвинителството не смее да остане немо на криминалот и корупцијата на кадрите на СДС. Со враќањето на демократијата и правната држава во Република Македонија сите незаконитости и криминални работења ќе бидат подлежени на ревизија и одговорност ќе има засекого. Додека огромни суми на пари се слеваат во приватни џебови и се користат за лично богатење на поединци жителите на Центар ги трпат последиците од ваквото расипничко работење“, истакна Јордан Ристески.

Потенцираше дека граѓаните на Центар заслужуваат да имаат доволно паркинг места во Дебар Маало, граѓаните на Центар заслужуваат да имаат водовод и канализација на Кале, граѓаните на Центар заслужуваат да имаат соодветна инфраструктура во Маџар Маало.

„Жителите на Центар очекуваа работа и посветеност наместо неработење и криминал. Граѓаните не заслужуваат Жерновски и кадрите на СДС повеќе да ја водат општината и претставуваат пример како не треба да функционира една локална власт. Жителите на Центар заслужуваат одговорна и транспарентна општина. Центарци на 15-ти октомври ќе им кажат НЕ на Жерновски и СДС“, рече Ристески.