Ристовски: Екстерното тестирање помина во најдобар ред

На последниот ден од екстерното тестирање, реализирани се околу 370.000 полагања  меѓу учениците од четврто одделение основно образование до трета година средно образование.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска потенцира дека се’ поминало во најдобар ред.

„Немаше никакви позначајни проблеми освен во две-три училишта каде се случи проблем со дотокот на електрична енергија. Благодарение на брзата интервенција на ЕВН се надминаа тие проблеми. Во наредните неколку денови ќе започне процесот на обработка на целокупните податоци. Приоритет ќе имаат учениците од осмо одделение поради брзината за издавање на сведителствата и реализација на уписите во рамки на роковите“, истакна министерот.

Со екстерното тестирање беа опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделение во основното образование до трета година во средното образование, како и 18.126 наставници во 680 основни и средни училишта. Тестирањето го следеа 638 набљудувачи, а беа ангажирани и 175 администратори.

Учебната година, како што оцени министерот, ила квалитетно спроведена.

„Имаше бројни реформи кои се реализираа во рамки на Министерството за образование и наука. Се надгради системот за водење на електронскиот дневник, системот за водење евиденција на учениците, се спроведе надградување на процесот на екстерното и на целиот софтвер, но и начинот на кој се полага. Првпат се спроведе полагање на екстерно за учениците од завршните години. Се почна со реформи за имплементација на државната матура“, рече Ристовски.

Ристовски потсети дека МОН и училиштата почнале подготвки и за меѓународното оценување на ученици – ПИСА.