Ристовски: Не сакам да се тешиме дека сме херои, без бодови сме туристи!

Десниот бек на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, емотивно направи анализа на настапот на ЕУРО 2020, кажувајќи работи какви што никој пред него не ги ни начна како тема.

Тој потенцира дека и покрај тоа што сме дебитанти, не требало да се тешат дека се херои со самиот пласман, туку требало да сторат повеќе за да се оствари добар резултат. Според него, дел од неговите соиграчи не можеле да разберат дека фудбалот се игра 90 минути.

„Фудбалот се игра деведесет минути, некои играчи тоа уште не може да го сфатат. Не треба да се тешиме дека сме херои. Јас не се задоволувам само со учества, но некои фудбалери не може да разберат дека фудбал се игра 90 минути. Да, направивме успех со пласманот на ЕУРО 2020, но тука дојдов со амбиции да оствариме резултат, да освојуваме бодови, а не да бидеме туристи. Јас сакам и во иднина да постигнувам резултатски успеси за Македонија, зашто знам дека можеме, а не да се палиме само со атмосфера. Сакам да се заблагодарам на навивачите и на целата македонска јавност за поддршката, но ние не одговоривме на терен онака како што ветувавме и планиравме. Мора сите да знаеме дека можеме до успеси, а не само да бидеме присутни на терен. Но, емоциите работат и веројатно ќе извлечеме сите поуки какви што треба. Огромна благодарност за Пандев, Тричковски, Велкоски кои завршуваат со репрезентативниот дрес, горд сум на нив и на оваа генерација. Не постои личност како Горан и вечно ќе ги паметиме овие моменти со него. Му благодариме за сѐ што направи за нас, но мора да продолжиме да го радуваме и него со позитивни резултати во иднина“, изјави Ристовски.