Ристовски: Никогаш не сум го видел Нинџа во партијата

Член сум на ВМРО-ДПМНЕ од 1997 година и не извршував партиски функции туку само државни бидејќи никогаш не ја стекнав довербата внатре во партијата. Во периодот 2016-2017 во партијата не постоеше функцијата организациски секретар, истакна во својот исказ Спиро Ристовски за настаните од 27 април.

Тој го објасни односот со останатите обвинети.

-Со Трајко Вељановски имав исклучиво службена комуникација за ресорите кои ги водев, а не за немилите настани. Со Миле Јанакиески имав и приватна и службена комуникација, со Владимир Лазаревски дали три пати се имав слушнато. Откако стана директор, се немав воопшто слушнато. Со Никола Груевски имав службена комуникација бидејќи ми бил надреден, објасни Ристовски.

За протестите Ристовски вели дека не присуствувал лично и оти биле организирани од граѓанска организација.

-Партијата не ги организираше протестите, но ги поддржуваше.

Со организаторите на протести Ристовски вели дека Владо Јовановски и Игор Дурловски не ги познава, единствено се знае со Богдан Илевски.

За исказот на Нинџа дека го видел во штабот на партијата, Ристовски вели дека е невистинит.

-Станува збор за контроверзен лик. Со него ниту сум разговарал ниту сум го видел во просториите на партијата. Јас никогаш го немам видено во партијата, објасни Ристовски.

За дента на 27 aприл вели дека требало да оди во посета на поранешниот вицепремиер Абдулаким Адеми во село Шемшево и додека чекал во партиските простории, на телевизија гледал што се случува пред Собранието. Подоцна се качил на осмиот кат, каде што имало многу луѓе.

Во Центарот на комунинација чекал да види каква ќе биде одлуката на ИК, по што си заминал дома.

Пораките кои му биле презентирани кога му го давале обвинителниот акт кои наводнo произлезени од неговиот мобилен телефон, Ристовски вели дека не му се познати ниту пак во нив имале увид.

-Тоа е комуникација меѓу Сашо Коцевски и Весна Ѓорѓеска, кои не ги познавам. Тоа не е комуникација меѓу мене и Миле Јанакиески од нашите телефони, нагласи Ристовски.