Суми од 12, 5, 18 и 24 милиони денари биле повлекувани на неколки пати во декември 2018 и февруари 2019 година од приватните сметки на Камчеви, сведочеше вработена кај Орце Камчев на денешното рочиште за „Рекет”.
Сведокот Мирјана Бошковска, девизен референт во „Орка холдинг”, рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено на неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви.
– Во декември имаше 12 милиони денари, пет милиони и нешто повеќе од пет милиони денари. Ги менував во менувачница во евра. Во февруари извадив 18 милиони и 24 милиони денари од сметките на сестрата и мајката на Камчев. Со обезбедување отидов во менувачница и ги заменив во евра. Потоа ги однесов во домот на Камчеви и таму заедно со Камчев ги средив парите и направив спецификација, по што си заминав, рече сведокот Бошковска.
На прашање од Боки 13, во што ги донела парите во домот на Орце Камлев, сведокот рече во две спортски торби.
– Точно 710 илјади евра во две спортски торби, изјави Бошковска.
На прашање од одбраната на Катица Јанева, сведокот рече дека во декември не направила спецификација на повлечените средства.
– Само во февруари направивме спецификација заедно со Орце Камчев, рече сведокот Бошковска.
Следното рочиште од судењето за „Рекет“ е закажано за 25 декември, кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.
Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.
Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.