Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во саботата реагираат на информацијата која се појави на одредени портали за наводен престој на претседателот на партијата Христијан Мицкоски во унгарската престолнина Будимпешта.
„Претседателот Мицкоски е во еднодневна куса посета на главниот aвстриски град Виена, а самиот престој е од приватен карактер, поточно со оглед на тоа што Мицкоски воедно е и професор на високонаучна установа, причината за престојот е за научни цели“, соопштија од партијата
Појаснуваат дека патувањето е со неговиот приватен автомобил, а низ Република Унгарија поминувал исклучиво како транзитна дестинација.
„Вистината е дека во близината на Будимпешта (околу 40 километри по Будимпешта на враќање кон Скопје) неговото возило извесен период е следено од луксузно патничко возило од марката ‘бентли’ со струмички регистарски таблици, управувано од роднина на премиерот Зоран Заев. Веруваме дека тоа е и изворот на тенденциозноста на ваквите дезинформации кои се појавија во одредени медиуми, што само ја потврдува безидејноста на власта, обидите за дефокусирање од вистинските теми и нервозата присутна поради слабата поддршка од граѓаните’, велат од ВМРО-ДПМНЕ.