Рогозин најавува руска ракета подобра од оние на Маск

Руската вселенска агенција Роскосмос планира дизајнирање повеќекратна ракета носач „Сојуз-СПГ“, којашто според планираниот број лансирања ќе ја надмине „Falcon 9“ на компанијата „SpaceX“ на јужноафриканскиот претприемач Илон Маск, која веќе го имаше својот прв успешен лет со човечки екипаж до Меѓународната вселенска станица (ISS) и враќање на Земјата.

„Како замена за ‘Сојуз-2’ ние создаваме ракета на метан. Таа првично ќе биде дизајнирана како повеќекратен ракетно-космички систем. Не за ‘полу-повеќекратна’ употреба како кај SpaceX, туку како повеќекратна“, изјавил во петокот директорот на Роскомос, Дмитриј Рогозин.

Појаснил дека ваквата ракета ќе биде оспосбена да изведе 100 летови, додека ракетата носач „Falcon 9“ на SpaceX е дизајнирана за десет лансирања.

Притоа, според Рогозин, руските инженери кои работата на повеќекратната ракета, иако ја следат работата на нивните американски колеги, не ги имитираат туку се обидуваат да ги надминат.

Во сепрември 2019 година „Роскосмос“ објави дека трошоците за развојот на новата повеќекратна ракета носач од средна класа со двигатели на метан, би чинело околу 900 милиони рубљи или над 12 милиони американски долари. Севкупната цена на нејзиното лансирање, пак, би изнесувала 40,5 милиони долари. Според тогашната најава, ракетата која би била лансирана од космодромот Васточни во ниската орбита на Земјата би можела да понесе до 9 тони товар, додека во геостационарната орбита до 2,2 тони.