Рокот за доставување на изборните листи е до 12 март на полноќ

До 12 март на полноќ партиите треба да ги достават изборните листи за шестте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април, согласно роковникот, кој го објави Државната изборна комисија за активностите во пресрет на изборите. Проверени кадри, од партиските јадра ќе бидат носители на изборните листи, кои се уште официјално не се соопштуваат, но и нови лица на листите најавуваат партиите, кои деновиве ги кројат изборите листи за претстојните избори.

Власта и опозицијата веќе најавија до кога планираат да ги објават носителите на листите, но и останатите кандидати за пратеници. СДСМ планира имињата да ги оболодени по Конгресот, кој треба да се одржи во периодот од 8 до 12 март, а ВМРО-ДПМНЕ носителите ќе ги објави на 5 март, а другите кандидати не подоцна од 10 март.

Во СДСМ веќе е почната процедурата околу кандидирањето на идните кандидати за пратеници, а носителите на листи ќе бидат познати по Конгресот на партијата.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера посочи дека Конгресот треба да се одржи од 8 до 12 март и оти сега е неблагодарно да шпекулира со било какви информации.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера истакна дека до 5 март ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги објави имињата на носителите на кандидатските листи во шесте изборни единици во земјата за претстојните предвремени парламентарни избори, додека останатите имиња од листите не подоцна од 10 март.

– Најголем дел луѓе за првпат би се нашле на листи, но ќе има и такви чие што искуство е потребно во рамките на пристојно функцонирање во Парламентот, изјави Мицкоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и шеф на Републичкиот изборен штаб на партијата неодамна во Игор Јанушев во интервју за МИА, пак посочи дека на листите на партијата ќе има некомпромитирани кадри кои ќе се борат за обнова и за подобар живот во Македонија.

Постапката за избор на пратеници е во тек, истакна Јанушев неодамна во интервју за МИА, кој не сакаше да споменува имиња, но вели дека „ќе има многу нови кадри, но ќе биде застапено и искуството“.

Изборната кампања, која трае 20 дена, според роковникот на ДИК, ќе започне на 23 март, а ќе заврши на 10 април на полноќ.