Жозе Мурињо добива доста критики дека неговата Рома игра застарен фудбал со огромна доза на претпазливост и со ограничен квалитет во нападот, но португалскиот стручњак денеска ги демантираше сите вакви натписи, бидејќи „волчицата“ понуди сензацинален меч со Емполи.
Гостите од Рим победија со 2:4 во натпревар во кој покажаа две сосема поинакви лица, првото извонредно и одлично, а второто доста бледо и индолентно во ситуација кога стекнаа голема предност.
Рома постигна четири гола во 12 минути во периодот од 25-та до 37-та минута од натпреварот и на тоа не можеше да се изначуди и Жозе Мурињо ако се суди според неговите реакции, но затоа во второто полувреме имаше зошто да се нервира, бидејќи фудбалерите му приредија тензични последни 20 минути.
Емполи намали на 1:4 на стартот на вториот дел, но постигна и втор гол во 72-та минута, по што Жозе се активираше крај аут линијата и бараше многу поголема активност од своите фудбалери.
Вистината е дека играчите на Рома подзаспаа во првиот дел по големото водство, па во вториот дел се предодредија на одбрана и лесно можеше да примат и трет гол во завршницата.
Што се однесува до добриот дел од мечот, Рома поведе со двата гола на Ејбрахам во 25-та и 33-та минута, а до 37-та минута во листата на стрелците се запишаа и Ѕаниоло и Сержо Оливеира. За Емоли, стрелци на головите беа Пинамонти и Бајрами.