Рома виси за ЛШ, Џенова за опстанок

Sassuolo's Rogerio (L) and Roma's Cengiz Under in action during the Italian Serie A soccer match US Sassuolo vs AS Roma at the Mapei stadium in Reggio Emilia, Italy, 18 May 2019. ANSA/ELISABETTA BARACCHI

Фудбалерите на Рома практично ги загубија сите шанси за настап во Лигата на шампионите следната сезона откако во средбата од претпоследното 37-мо коло на италијанското првенство одиграа само 0:0 на гостувањето кај Сасуоло, а Џенова на Горан Пандев ремизираше 1:1 дома со Калјари и ќе стравува за прволигашкиот статус до самиот финиш.

Рома со овој бод моментално е на петтото место со 63 бодови, три помалку од третиот Интер и два помалку од четвртата Аталанта и дефинитивно може да остане без пласман меѓу првите четири екипи доколку тимот од Бергамо во недела го совлада Јувентус во Торино, а Интер не загуби од Наполи во Неапол. Сасуоло, пак, е стабилен на средината до табелата, 10-ти е со 43 бодови.

Претходно во саботата Џенова и Калјари одиграа 1:1 (0:1). Хрватскиот играч Филип Брадариќ беше херој и трагичар, откако во 40 минута го проигра одлично Паволети кој ги донесе во водство гостите, но потоа во 89 минута Хрватот со горниот дел од раката му ја врати топката на голманот, а судијата по прегледување на снимката досуди пенал кој го реализираше Крисчито. Калјари со овој бод дефинитивно го осигури прволигашкиот статус и следната сезона, сега е 12-ти со 41 бод, додека Џенова е 17-та со 37 бодови, два повеќе со меч повеќе од 18-то Емполи кој се наоѓа во зоната на испаѓање и во недела игра дома со Торино.

Удинезе, пак, направи голем чекор во осигурувањето уште една сезона во Серија А со победата од 3:2 (3:0) дома против СПАЛ. Удинезе имаше водство по првиот дел со головите на Самир во 7 и Стефано Окака во 32 и 36 минута, но во првиот дел од второто полувреме СПАЛ се закани со погодоците на Андреа Петања во 54 и Матиа Валоти во 60 минута, но не успеаја да сторат повеќе. Удинезе сега има 40 бодови, пет повеќе од 18-то Емполи и во моментов меч повеќе. СПАЛ, пак, е 11-ти со 42 бода.

Во недела се играат дуелите Киево – Сампдорија, Парма – Фиорентина, Емполи – Торино, Милан – Фросиноне, Наполи – Интер и Јувентус – Аталанта, а во понеделник играат Лацио – Болоња.