Романски воен брод налета на мина во Црното Море

© Фото : Forțele Navale Române

Романски воен брод во близина на пристаништето Констанца на Црното Море налета на подводна мина кога требало да ја расчисти, соопшти во петокот романските поморски сили.

„Морскиот реморкер ‘Поручник Димитрие Николеску (DM-29) пристигна во четвртокот, на 8-ми септември, околу 17,45 часот во областа каде имаше пловечка морска мина (…) за да ја неутрализира. Иако беа преземени безбедносни мерки по стемнувањето, поради неповолните временски услови бродот налета на мината, која беше носена од невремето“, истакнува командата на романската воена морнарица.

Бродот со нуркачи пристигнал до местото на коешто плутала мината, но чамецот со нив не успеал да се приближи до експлозивната направа поради силниот ветер.

Од судирот и експлозијата настанала дупка на границата на газот на бродот во крмениот дел. При експлозијата никој од 75-члениот екипаж не настрадал, и не е во животна опасност.

Веднаш по детонацијата, екипажот ја затворил дупката и го ограничил навлегувањето на морската вода во задниот дел. По наредбата на началникот на Генералштабот на морнарицата, бродот „Грозвул“ со нуркачи го напуштил пристаништето Констанца за да пружи помош и да го влече оштетениот брод.

По почетокот на војната во Украина, ова е третата операција на романските поморски сили за уништување подводна мина. Според Букурешт, од март до септември се уништени 28 мини во западниот дел на Црното Море, од кои три мини се уништени во Турција, две во Романија, една во Бугарија и 22 во Украина.

Русија во март предупреди на поморски мини кои украинската воена морнарица ги поставила во целото Црно Море, по почетокот на руската офанзива во Украина, а кои би можеле да отпловат неконтролирано до Босфор или дури до Средоземното Море. Украинските поморски сили поставиле минска бариера во близина на пристаништата Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни,

Според овие податоци, станува збор за околу 420 застaрени мини произведени во првата половина од минатиот век, и се предупредува дека бурите влијаеле врз кинењето на каблите кои ги поврзуваат мините со котвите и оти поради површинските морски струи кои се движат во јужна насока не е исклучено плутање и придвижување на мините кон Босфорот, а потоа и кон морињата во Средоземноморскиот басен.