Роми врзани за столбови и прскани со боја во Украина

На социјалните мрежи се појавија фотографии од луѓе во Украина врзани за столбови за светилки и ипрскани со зелена антисептичка боја, позната како „зелјонка“ во поранешните советски земји. Според извештаите, тие биле земени во западниот град Лавов. Жртвите наводно се Роми.

Неколку луѓе, вклучително и тинејџери и семејства со жени и деца, наводно биле врзани за столбови со селотејп лента, а лицата им биле испрскани со „зелјонка“. Супстанцијата со зелена боја е многу тешко да се измие и може да предизвика хемиски изгореници на очите.

Според локалните медиуми, Ромите биле казнети затоа што се обиделе да крадат од патници во автобус. Сепак, на социјалните мрежи има тврдења дека тие само се обидувале да украдат храна, бидејќи гладувале откако избегале од Киев.

Некои корисници на социјалните мрежи велат дека строгата казна била поради националноста на жртвите. За ѕверскиот чин се обвинети припадниците на Територијалните одбранбени сили, неодамна формиран волонтерски огранок на украинската војска. Маскирани униформирани мажи се присутни на слики од локацијата.

Лавов, кој се наоѓа во западна Украина, во близина на полската граница, досега најмногу беше поштеден од тековниот конфликт во земјата. Во средината на март, Русија бомбардираше платеничка база на полигонот Јаворив надвор од градот, велејќи дека таму биле убиени до 180 странци кои отишле да се борат за Киев. Украина соопшти дека бројот на загинати е 35.

Извештаи за прогон на странци и малцинства од страна на радикалите, исто така, доаѓаат од други делови на Украина од почетокот на рускиот напад кон крајот на февруари.

Имаше инциденти на африкански студенти на кои им беше забранет влез во возови и автобуси кои превезуваа бегалци надвор од земјата. На оние кои успеале да стигнат до границата со Полска, граничарите им забраниле да стојат во исти редови со украинските државјани. Африканската унија ги осуди овие инциденти како „шокантно расистички и го прекршуваат меѓународното право“.

Индијците кои студираат во земјата изјавија за руските медиуми за сличен третман. Тие, исто така, се пожалија дека биле исфрлени од засолништата за бомби, а локалните жители им рекле дека нема да им помогнат затоа што Индија не му помага на Киев во конфликтот.