Роналдо призна дека затајувал данок, ама не сака да плати 28 милиони евра казна

Шпанските даночни власти побараа од фудбалерот на „Реал“, Кристијано Роналдо да плати 28 милиони евра за даночно затајување, двојно од она што тој го понуди како спогодба и признание на вината со цел да добие намалена затворска казна од две години.

Според шпанскиот закон, секоја осуда на затворска казна помала од две години, значи и условна казна, односно дека Роналдо нема да заврши зад решетки.

Шпанското обвинителство минатиот јуни отвори случај против португалскиот фудбалер за затајување на данок во висина од 14,8 милиони евра од маркетингшките договори. Даночните власти бараат да се плати целата сума од затаениот данок , плус трошоци и дополнителни казни со кои се доаѓа до сума од 28 милиони евра. Сега пред Роналдо е избор да ја плати оваа сума до 15 јуни или да се соочи со продолжување на процесот откако ќе се врати од Светското првенство во Русија.

Ако процесот продолжи, а Роналдо не го плати огромниот долг се соочува со затворска казна од осум години, ако биде прогласен за виновен. Португалецот досега ја отфрлаше вината тврдејќи дека се што правел е законски, но обвинителството го тврди спротивното.

Во Шпанија законите за даночна измами поголеми од 120.000 евра предвидуваат затворски казни од една до пет години затвор, со дополнително плаќање на парична казна.