Кристијано Роналдо своевремено го држеше рекордот за најскап фудбалер во историјата на фудбалот, откако во 2009-та година направи сензационален трансфер од Манчестер Јунајтед во Реал Мадрид за 94 милиони евра.
Оваа зделка долго време беше најголемата во историјата на фудбалот, но во денешни услови, истата изгледа навистина нормална, бидејќи за далеку понеквалитетни фудбалери се издвојуваат речиси идентични суми. Само за потсетување, Роналдо минатата година направи нов трансфер од Реал Мадрид во Јувентус за сума од 100 милиони евра, а ако се знае дека доста послаби играчи од него направија трансфери кои вредат повеќе, Португалецот сега за првпат реши да се огласи на оваа тема.
– Тешко е да се направи точна калкулација во денешниот фудбал. Многу се вложува во потенцијалот и фудбалската индустрија стана различна. Тргајќи го на страна случајот на Жоао Феликс кој е огромен талент, речиси секој играч вреди 100 милиони евра, дури и оние кои не докажале ништо. Има многу повеќе пари во фудбалот. Сега стопер или голман вредат 70 или 80 милиони евра. Не се согласувам со ова, но ова е реалноста и светот во кој живееме и едноставно мора да се соочиме со тоа, – потенцира Роналдо во интервјуто за „ТВИ“.