Англискиот фудбалски великан Манчестер Јунајтед и еден од најдобрите играчи на денешницата Португалецот Кристијано Роналдо договорно го раскинаа договорот, објави водството на „Црвените ѓаволи“ во вторникот.
„Клубот сака да му се заблагодари на Роналдо на неговиот придонес во текот на неговите два престои на ‘Олд Трафорд“. Постигна 145 погодоци во 346 натпревари. Му посакуваме нему и на неговото семејство сѐ најдобро во иднина“, се наведува во соопштението на Манчестер Јунајтед.
„Сите во Манчестер Јунајтед остануваа концентрирани на работата со тренерот Ерик тен Хаг за да ги постигнеме најдобрите можни резултати на теренот“, се додава во соопштението.
Триесет иседумгодишниот Кристијан Роналдо, добитник на пет Златни топки, беше член на Манчестер Јунајтед од 2003 до 2009 година, и повторно од 27-ми август 2021 година, по играњето за Реал Мадрид и Јувентус.
Во експлозивното интервју за TalkTV претходно во ноември, Роналдо рече дека не го почитува менаџерот Тен Хаг и дека се чувствува предаден од клубот. Тоа беше капката што ја прелеа чашата на трпение на водството на Јунајтед, по низата контроверзии со Португалецот.
Кристијано Роналдо во моментов е во Катар, каде што во рамките на Светското првенство во четвртокот против селекцијата на Гана го очекува првиот мундијалски меч со португалската репрезентација.