Португалската фудбалска ѕвезда, 37-годишниот Кристијано Роналдо ќе заработи повеќе од 400 милиони евра во Саудиска Арабија, од кои половина ќе бидат искористени за промоција на идната кандидатура на кралството за организација на Светското првенство во 2030 година, изјави за AFP извор близок до неговиот нов клуб.
Минатата седмица Роналдо беше официјално претставен во Ријад, откако потпиша договор за саудиски Ал Наср, а за новиот тим треба да дебитира на 22-ри јануари.
Португалецот ќе добие 200 милиони евра како дел од две иполгодишниот договор со Ал Наср и уште 200 милиони како „амбасадор“ на заедничката кандидатура што Саудиска Арабија заедно со Грција и Египет планира да ја поднесе за домаќин на Светското првенство во 2030 година, рекол изворите блиски до преговорите кои сакале да останат анонимни.
Доаѓањето на поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус е дел од желбата на раководството на Саудиска Арабија да го привлече вниманието какво што го доби соседниот Катар, кој беше домаќин на Светското првенство во 2022 година.
Според истиот извор, договорот бил поддржан од членовите на кралското семејство, вклучувајќи го и престолонаследникот и де факто владетел на земјата, принцот Мохамед бин Салман.
„Мохамед бин Салман и (неговите браќа) Наиф, Турки и Ракан, деца на кралот Салман, сите се почесни членови на Ал Наср, од времето пред нивниот татко да стане престолонаследник. Тие сакаа да му дадат надмоќ на својот клуб и да го стават во центарот на вниманието. Најдобар начин беше да го доведат најдобриот играч во светот“, додал изворот.
Според истито соговорник, на располагање се ставени и енормините средства со кои располага државниот фонд за јавни инвестиции (Public Investment Fund – PIF).
„Ал Наср и другите саудиски клубови ги немаат потребните средства за таков договор. PIF беше тој што ја гарантираше исплатата“, додаваат соговорниците на агенцијата.
Саудискиот фонд, кој сѐ повеќе инвестира во светот на спортот, минатата 2022 година го купи англискиот фудбалски клуб Њукасл Јунајтед.
Друг извор близок до Ал Наср потврди за AFP вели дека токму принцовите стојат зад изненадувачкиот договор.
„Браќата беа тие што ја предложија целата работа и се настојуваа да ја завршат по секоја цена“, се вели во соопштението.
Ал Наср има освоено девет титули во лигата на Саудиска Арабија, но никогаш не бил азиски шампион, за разлика од ривалите Ал Хилал, кој четири пати бил шампион и Ал Итихад, кој двапати ја освоил азиската Лига на шампиони.