Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави во средата дека САД би требало двапати да размислат пред да возвратат на иранскиот напад врз американските воени бази во Ирак, кои се одмазда за американското убиството на влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани во Багдад минатиот петок.
„Доколку Американците планираат дополнителни напади и злосторства против Иран, ќе возвратиме со уште посилни напади. Ѝ се заблагодараувам на Револуционерната гарда за решителниот одговор на убиството на генералот Касем Сулејмани“, изјави иранскиот претседател Хасан Роухани во средата.
Роухани го нарече атентатот врз Сулејмани „американско воено злостроство“ кој „единствено предизвика иранскиот народ да покаже повеќе солидарност од кога и да е досега“.
САД ќе добијат жесток одговор, доколку одново посакаат да извршат злосторство, го цитира агенцијата ISNA претседателот Роухани кој во средата се обратил пред советот на министрите.
„Доколку САД имаат намера да продолжат со вршењето злосторства, мора да знаат дека ќе добијат жесток одговор. Доколку Соединетите држави се претпазливи, нема да направат некој чекор во оваа фаза“, порачал претседателот на Иран.
Роухани притоа оценил дека Вашингтон не успеал да ги постигне своите цели со убиството на командантот на специјалните сили Ал Кудс. Додал дека „САД со својот злосторнички чин во Багдад, извершен спротивно од сите меѓународни норми, направија маченик од влијателниот ирански командант, кој беше гостин на ирачката влада и народот“.
„Уверен сум дека САД мора да го добијат главниот отпор од народите во регионот. Тие го убија нашиот сакан генерал Сулејмани, и со одговорот на тоа треба да го отсечеме нозете на САД кои газат во регионот“, изјавил Роухани.
Маченикот Сулејмани не беше само воен водач, туку беше и талентиран политичар и стратег во преговорите со разни групации, па дури и со високопозиционирани претставници на властите во земјите од регионот и надвор од него. Сулејмани, доколку сакаше, можеше да уништи стотици американски воени команданти во различни делови од регионот, но тој беше еден од најумерените воени команданти во регионот и во целиот свет“, истакнал Роухани.
„Сулејмани беше навикнат да постапува многу внимателно и никогаш не одеше во крајности. Неговата цел беше да се осигура безбедноста на Иран, стабилноста на регионот, слободата на Ерусалим, да се заштити регионот со локалните сили. Американците мислеа дека го уништиле телото на Сулејамни со ракета, но тие ги запалија срцата на милиони слободни луѓе ширум светот“, рекол Роухани.
Ирачкиот претседател Бахрем Салех, инаки поранешен премиер на автономната курдска покраина Ирачки Курдистан каде што базата близу Ербил беше една од целите на иранскиот одмазнички напад, ги осуди ракетирањата на американските бази во Ирак, како повторно повредување на ирачкиот суверенитет во однос на американското, порачувајќи дека не сака Ирак да се претвори во „бојно поле на конфронтираните страни“.
Роухани рекол дека ирачкиот парламент со својата неодамнешна одлука да стави крај на военото присуство на странските сили во земјата, го подготвил патот за протерување на американските сили од целиот дегионт,
„Ирачкиот парламент храбро го подготви патот САД да бидат протерани, како од самиот Ирак, така и од целиот регион во иднина. САД сметаа дека ќе создадат раскол во Ирак (меѓу шиитите и сунитите – з.р.) со убиството на Касем Сулејмани, но во реалноста се случи спротивнот. Ирак застана пообединет и цврст пред Америка“, истакнал Роухани.
Од друга страна, пак, иранскиот министер за надворешни работи Махмуд Џавад Зариф испрати помирувачка порака но истовремено ја изрази и решителноста на Техеран да возврти на натамошна ескалација, оценувајќи дека иранскиот напад бил „пропорционален“ на американскиот.
„Иран ги презема и заврши со пропорционалните мерки на самоодбрана според членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, гаѓајќи ги базите од кои се покренати кукавичките вооружени напади против наши цивили и високи функционери. Не бараме ескалација, ниту војна, но ќе се браниме од секоја агресија“, порача Зариф преку социјалните мрежи.
Американската телевизија CNN пренесува, повикувајќи се на безбедносни извори, дека официјален Багдад го предупредил Вашингтон дека Иран ќе ги нападне воените бази, откако за тоа добил известување од Техеран.
Ирачкиот премиер на заминување, Адил Абдул Махди, потврди дека Иран го известил Багдад дека наскоро ќе биде започнат напад. Махди рече дека потоа ги предупредил ирачките воени челници да „преземат неопходни мерки за претпазливост“.