Руд: Хасани имаше големи финансиски побарувања

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Ферхан Хасани имаше одлична минутажа сезонава во Брондби, но сепак продолжување на договорот нема да има.

Челниците на данскиот клуб биле заинтересирани да го задржат, но поради високите финансиски побарувања на Хасани, соработката нема да продолжи.

“Барањата на Хасани беа прилично нереални, во ниту еден момент не бевме ниту близу до договор. Кога ние како клуб преговараме размислуваме за економичноста, вредноста на парите што ги даваме со оглед на бројките на фудбалерот, минутажата што ја имал, головите што ги постигнал. Ние имавме едно видување за ситуацијата, Хасани сосема спротивно, па затоа бевме толку далеку од договор”
, изјави спортскиот директор на Брондби, Пер Руд.

Офанзивниот македонски репрезентативец веќе добил неколку интересни понуди, па се очекува во најскоро време да биде обелоденето каде Хасани ќе ја продолжи својата кариера.