Русија бара од САД да ги повлечат „војниците и опремата“ од Украина

Руското министерство за надворешни работи ја повика во вторникот американската амбасадорка во Москва, Лин Трејси, врачувајќи ѝ протест и предупредувајќи го Вашингтон на своето зголемено учество во војната во Украина.

„Во Министерството за надворешни работи на 21-ви февруари беше повикана шефицата на американската дипломатска мисија и ѝ беше врачен демарш во врска со зголеменото учество на САД во борбените дејствија од страна на киевскиот режим“, се наведува во објавата на веб-страницата на руската дипломатија.

„Особено беше истакнато дека за деескалација на ситуацијата Вашингтон мора да преземе мерки во насока на повлекување на американските и војниците и опремата на НАТО и да ги прекине антируските дејствувања“, се додава во објавата на руското министерство за надворешни работи.

Амбасадорката Трејси, се додава во објавата, била предупредена и на „последиците“ од испорачувањето на воената опрема и воен персонал за негово користење на боиштето во Украина, меѓу кои и државјани на САД, бидејќи така стануваат легитимни цели на руската војска. Москва, исто така, укажала дека испораките на западните вооружувања се користат како за напади врз руски воени цели, така и за цивили и цивилна инфраструктура.

„Таквите дејствија јасно ја докажуваат недоследноста и лажливоста на тврдењата на американската страна дека САД не се страна во конфликтот“, истакнува руската дипломатија.

Русија уште минатата пролет по почетокот на нејзината воена операција испрати нота до земјите на НАТО поради испораката на оружје за Украина која трае интензивно по 2014 година. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека САД и Алијансата се директно вклучени во конфликтот – не само со снабдување со оружје, туку и со обука на персонал во Велика Британија, Германија, Италија и други земји.

Покрај тоа, Москва побарала од амбасадорката на САД „објаснувања во врска со експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2“, како и Вашингтон „да не се меша во објективната истрага за да се идентификуваат виновниците“.

Западните агенции пренесувајќи го рускиот демарш притоа го игнорираат фактот дека протестот на Москва и барањето објаснување за инцидентот со експлозиите на руските гасоводи во Балтичкото Море се базираат на пишувањето на американски истражувачки новинар објавено пред две седмици.

Наградуваниот и специјализиран за големи истражувачки стории, Сејмур Херш, минатата среда објави на својата само неколку часа претходно креирана интернет страница Substack, повикувајќи се на свои „осведочени“ извори и наведувајќи прецизно настани, датуми, имиња и локации дека американската и норвешката морнарица во рамките на воените вежби на НАТО под наслов „Baltops 22“, минатото лето, учествувале во операцијата во која американски нуркачи поставиле експлозивни направи под гасоводите кои биле детонирани три месеца подоцна од страна на воената морнарица на Норвешка.

Херш, меѓу другото, во написот истакна дека американскиот претседател Џо Бајден одлучил да го саботира „Северен тек“ по повеќе од девет месеци тајни разговори со тимот за национална безбедност. Подоцна, Пентагон одговори дека САД немаат никаква врска со минирањето на руските гасоводи минатата година. Слична изјава даде и Белата куќа, а Стејт Департментот повика да се има доверба во позицијата на САД.