Русија ги предупреди Шведска и Финска дека нивното потенцијално влегување во НАТО, кон кое двете земји се сè поблиску од почетокот на руската инвазија на Украина, не би придонело на стабилноста на Европа.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков им кажа на новинарите дека „НАТО пактот останува сојуз насочен кон конфронтација“.
Во исто време американски воени извори порачаа дека руската инвазија на Украина е „огромна стратегиска грешка“ која веројатно ќе резултира со зголемување на членството на НАТО, пренесува Би-би-си.
Американските власти очекуваaт повеќе скандинавски земји да побараат влез во НАТО, можеби уште во јуни годинава.
Се верува дека Вашингтон го поддржува таквиот потег, со кој НАТО би пораснало на 32 земји. Функционери на американскиот Стејт департмент минатата недела кажаа дека почнале преговори меѓу лидерите на воениот пакт и шефовите на дипломатиите на Хелсинки и Стокхолм.
Пред почнувањето на инвазијата на Украина Русија побара НАТО да се согласи на сопирање на какво било понатамошно ширење. Но војната доведе до испраќање на илјадници војници на источното крило на НАТО и драстичен пораст на поддршката на членството на НАТО во Шведска и Финска.
Финската граница со Русија е долга дури 1.340 километри.
Москва јасно порача дека се противи на какво било потенцијално ширење на НАТО. Песков кажа дека „НАТО не е сојуз кој обезбедува мир и стабилност, а понатамошно ширење не би донело дополнителна безбедност на европскиот континент“.
Песков минатата недела порача дека Русија ќе мора да ја „ребалансира ситуацијата“ со сопствени мерки доколку Шведска и Финска влезат во НАТО.
Во февруари Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, предупреди на „воените и политички последици“ во случај Шведска и Финска да влезат во НАТО.
И покрај руските предупредувања, двете земји го засилија трошењето на војската и сугерираа дека би можеле да влезат во НАТО.