Русија ги обвини САД за директна вмешаност во воените дејствија на Украина

Согласноста на Вашингтон за секоја цел пред украинските ракетирања со повеќекратните системи за лансирање со долг дострел HIMARS докажуваат дека САД директно се вклучени во конфликтот и покрај изјавите од Белата куќа и Пентагон, изјави за новинарите на брифингот во вторникот во Москва, портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-полковникот Игор Конашенков,

Потсети дека неодамна челникот на Главната разузнавачка управа (ГРУ) на украинското министерство за одбрана, генералот Вадим Скибицки, за британскиот дневен весник The Telegraph изјави дека пред секое ракетирање со американските системи HIMARS, се одржуваат консултации меѓу претставниците на украинското и на американското разузнавање, кои му овозможуваат на Вашингтон да запре секое ракетирање за коешто ќе оцени дека не од интерес и може да придонесе за ескалација на конфликтот.

„Сево ова непобитно докажува дека Вашингтон, спротивно на изјавите од Белата куќа и Пентагон, е директно вклучен во конфликтот во Украина“, рече Конашенков додавајќи дека руското министерство ги регистрирало и ќе го има предвид во иднина ова официјално признание.

„Администрацијата на Бајден е директно одговорна за сите ракетни напади врз станбени области и цивилната инфрасруктура во населените области во Донбас и другите региони, коишто на Киев му го одобриле, а резултираа со смртта на голем број цивили“, соопшти руското министерство за одбрана.

Системите HIMARS имаа поголем дострел и се попрецизни од артилеријата која ја поседува Украина. Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

Пред десетина дена советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливан, изјави дека САД досега на Украина ѝ предадоа 16 единици од ракетните системи со долг дострел HIMARS, но дека „постојат некои средства за кои претседателот на САД, Џо Бајден јасно стави до знаење не е подготвен да ги обезбеди. Во нив се склучени и ракетите со долг дострел ATACMS, коишто имаат дострел од 300 километри. Тој верува дека иако клучната цел на САД е да се стори сѐ што е неопходно за поддршка и одбрана на Украина, а другата важна задача се состои во тоа да се спречат околни во кои би се движеле кон трета светска војна“.

 

Ракетирањето на заробените Украинци во Доњецк

Неодамнешното ракетирање врз затворот во кој биле сместени украински воени заробеници во Еленовка во одметната проруска област Доњецк, Конашенков рече дека биле „планирани од режимот на украинскиот претседател Владимир Зеленски и одобрени од Вашингтон, и оти никој …не треба да се сомнева во тоа“.

„Никој во Украина и во светот не треба да се сомнева дека нападите со HIMARS во Новаја Каховка на 12-ти јули, на Стаханов на 17-ти јули, на Красни Луч на 24-ти јули, десетиците ракетни напади врз Доњецк и, се разбира, на 29-ти јули врз истражниот затвор во Еленовка во кој беа убиени 50 и осакатени 73 украински воени затвореници, бил планиран од режимот на Киев и одобрен од Вашингтон.

Според Конашенков, „политилчката, моралната и кривична одговорност“ за нападот во Еленовка и други воени злосторства во Украина, „покрај Зеленски директно паѓа и на администрацијата на (американскиот претседател Џо) Бајден“.

За спомнатиот напад Москва тврди дека е изведен со американските артилериски системи и како доказ понуди остатоци од проектилите кои ги користат системите HIMARS повикувајќи стручњаци од ОН и Црвениот крст да го истражат местото на нападот. Руската страна, исто така, тврди дека тоа бил намерен напад на Киев и предупредување за украинските заробеници да не сведочат за воени злосторства, како и на украинските војници да не се предаваат.

Украинската војска, пак, изјави дека нападот бил изрежиран од Москва за да се сокријат наводните воени злосторства на руската војска во Украина. Од Пентагон, пак, изјавија дека „не располагаат со доволно разузнавачки информации“, како и дека доколку украинската војска го извела нападот тоа „не било намерно“.

Руското министерство за одбрана и претходно обвини дека САД во реално време ѝ даваат сателитски снимки на украинската војска за движењето на руските трупи, како и за цели кои имаат намера да ги нападнат, вклучително и со дронови на пограничните руски места.

Од Москва, исто така, претходно соопштија дека освен инструктори за ракување со спомнатите артилериски системи, САД ангажираат и свој воен персонал кој работи на наведување и корекција на ракетирањата.