Русија во средата го обвини Западот дека шири лаги за глобалната прехранбена криза за којашто Москва јасно укажува дека е предизвикана од санкциите кои ги наметнаа САД и Европската унија поради нејзината воена интервенција во Украина.
Низата остри западни санкции за руската економија ги зголемија цените на житарките, на маслата за јадење, ѓубривата и енергијата.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова во средата на редовниот седмичен брифинг за новинарите рече дека е ужасната од тврдењата на Западот кој Русија ја обвинува за светската прехранбена криза, па дури и за скокот на цените на горивата и инфлацијата во западните земји.
„Тоа е лага, таквите обвинувања се целосни лаги. Западот може да го носи сето тоа вооружување во Украина, но од некоја причина ништо не може да извлече од Украина?“, запраша Захарова.
Очекувано САД и ЕУ ја обвинуваат Русија дека наводно ја влошува прехранбената криза со наводно спречување на извозот на житарки, со блокада на пристаништата на Украина од која доаѓа 10 отсто од светскиот извоз. Но Москва повеќепати порача дека украинските пристаништа на Црното Море се минирани од украинските сили, и преговараше со Турција за план за безбедно пловење преку сигурни коридори.
Русија и Украина се двата најголеми произведувачи на земјоделски продукти во светот. Русија е најголемиот светски извозник на жито по целокупната ЕУ, а Украина е најголем извозник на сончогледово масло. Двете земји имаат големи удели и на пазарите на јачмен, пченка и маслодајна репка, а Русија е најголем светски производител на ѓубрива.
Захарова рече и дека западните санкции ги довеле на работ од амбисот пазарите на земјоделски продукти со тоа што ги блокираа за Русија системите за плаќање, транспортот и осигурувањата на транспортот, а што го спречи рускиот извоз на прехранбени производи и ѓубрива.
„Тоа не е логично. Од една страна Европската унија тврди дека се создава глобална прехранбена криза, а од друга страна токму таа ги блокира пратките на добрата и себеси, на својот континент“, рече Захарова.
Еритереја, Ерменија, Монголија, Азербејџан, Грузија, Сомалија, Белорусија, Турција, Мадагаскар, Либан, Египет и Пакистан минатата 2021 година зависеле со повеќе од 70 отсто увоз на житото, според податоците на ОН. Монголија, Казахстан, Молдавија, Србија, Хондурас и Гана увезуваат повеќе од половината од ѓубривата кои ги користат од Русија, според истиот извор.