Русија и Индија со нов поттик на економската соработка

Рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди во средата во Владивосток дадоа „нов поттик“ на економската соработка на своите земји, најавувајќи партнерства во областа на нуклеарната енергија, одбраната, нафтата и гасот.

Двајцата челници разговарале зад затворени врати и потоа заедно со претставниците на делегациите на маргините од Источниот економски форум, големиот деловен собир кој Русија го оддржува петта година по ред со цел да го поттикне развојот на својот простран Далечен исток.

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека сака да ја искористи „историската можност“ за јакнење на трговрските односи и поттикнување на инвестициите меѓу двете земји. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, истакна дека станува збор за можност да се потврди фактот дека може да се најдат партнери и надвор од кругот на западните земји.

По разговорите двајцата лидери изјавија дека ги подигнале односите на „ново ниво“. Додадоа дека Москва и Њу Делхи планираат заедно да произведуваат цивилен авион, како и да разгледуваат можност за заедничко производство на нуклеарно гориво. Ќе соработуваат и во производството и диструбуцијата на нафтата и гасот, потоа во областа на одбраната, како и во производството на дијаманти и во туризмот. Русија притоа ја поканила Индија да учествува во проектите за производство на течен гас на Арктик и двете земји ќе се обидат да воспостават заедничка зона на слоборна трговија, бидејќи нивната размена во 2018 година изнесувала само 11 милијарди долари.

На политички план, Путин и Моди повикаа на реформирање на Советот за безбедност при Обединетите нации, за да му се даде повеќе простор на „мултикултурализмот“ според принципот „немешање во внатрешните прашања“ на државите. Ги разгледале и прашањата за заштита на природната средина и особено на тигрите, тема којашто му е многу омилена на Путин, како што рече Моди.

Москва и Њу Делхи беа блиски сојузници и во советската ера, но во последните 25 години има оддалеченост а соработката главно е во воената сфера. Поради тоа, Русија има намера наскоро да го финализира договорот за продажба на Индија на хеликоптерите од типот „Ка-2226Т“ за кои моторите ги произведува францускиот „Safran“. Русија би требало да произведе 60 вакви хеликоптери а Индија 140, а вкупната вредност на зделката е речиси милијарда долари. Русија и Индија, исто така, минатата есен склучија договор за купување на рускиот антиракетен систем „С-400“ во вредност од 5,2 милијарди долари, чија напредна варијанта треба да ѝ биде испорачана на индиската страна до 2023 година.