Генералното собрание на Обединетите нации денеска гласаше за суспендирање на Русија од Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева. Деведесет и три земји денеска гласаа за суспендирање на Русија поради злосторствата во киевското предградие Буча и други места во Украина.
Резолуцијата за суспензија на учеството на Русија во Високиот комесаријат за човекови права на ОН, за која денеска гласаше Генералното собрание на Светската организација, нема никаква врска со човековите права, изјавил заменик-претставникот на Руската Федерација во ОН Генадиј Кузмин.
„Она што го гледаме денес е обид на САД да задржат доминантна позиција и целосна контрола, да ја продолжат линијата на колонијализмот на човековите права во меѓународните односи“, кажал Кузмин на седницата на Генералното собрание на ОН.
Дваесет и четири земји гласаа против нејзиното суспендирање од Советот, додека 58 беа воздржани. Потребно беше двотретинско мнозинство. Воздржаните не се броеја.
За време на дебата во ОН, Русија ја обвини Америка за контрола на човековите права, колонијализмот и меѓународните односи, а одлуката за нејзино суспендирање ја нарече опасен преседан.
Единствениот друг актуелен член на Советот за човекови права на кој му беше суспендирано членството беше Либија во 2011 година, кога силите лојални на Моамер Гадафи насилно ги разбија антивладините демонстранти.