
Русија во вторникот најави дека ќе спроведе „големи промени“ во своите вооружени сили почнувајќи од годинава до 2026 година, во време на воените дејствија во соседна Украина.
Покрај административните реформи, руското министерство за одбрана најави формирање на повеќе нови дивизии и бригади во разните родови војски и поинтензивно јакнење на борбената способност на поморските, воздухопловните и стратешките ракетни и космички сили.
Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, најави и дека на територијата на Русија ќе има и два нови воени окрузи за Московскиот и за Ленинградскиот регион. Покрај тоа, според министерот неопходно е да се формираат и „самодоволни групации војски на териториите на новите субјекти на Руската федерација“, односно четирите југоисточни украински региони кои ланскиот септември преку референдуми изгласаа приклучување на Русија што западот не го признава.
„Сите активности треба да се комбинираат во сеопфатен план и да се синхронизираат со времето на набавка на оружје, воена и специјална опрема, како и изградба на инфраструктура“, нагласи Шојгу и додаде дека овие големи промени, планирани за периодот 2023/2026 година, ќе бараат од сите негови заменици, врховни команданти на родовите на вооружените сили и команданти „да донесат соодветни компетентни одлуки“.
Посебно внимание, истакна министерот, треба да се посвети на регрутирањето на војници од страна на лица со договор. Претходно тој предложи да се зголеми бројот на војници со договор во руската армија на 695.000 луѓе, а до крајот на оваа година да има најмалку 521.000 војници.
„Само со јакнење на клучните структурни системи на вооружените сили можно е да се гарантира воена безбедност на државата и да се заштитат новите ентитети и критичната инфраструктура на Руската Федерација“, рече Шојгу.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за акредитираните новинари на редовниот дневен брифинг во вторникот рече дека промените во одбранбените сили се неопходни поради „посредничката војна“ којашто во Украина ја води ткн колективен Запад против Русија, кој покрај последните осум години последните месеци на украинското боиште испраќа сѐ посовремено оружје како и воени инструктори и борци како наводни доброволци во борбите против руските единици.