Русија во средата порача дека ќе одговори со свои мерки на најавеното зголемување на бројот на американските војници во Европа.
„Она што сега се случува со трупањето сили на НАТО во источна Европа, секогаш ќе поттикна компензациски мери од наша страна. Нема да ги затвораме очите пред овој потег. Имаме способност и ресурси за тоа. Безбедноста ќе биде 100 отсто загарантирана“, изјави заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесе агенцијата ТАСС.
Ланскиот декември Русија им понуди на САД и НАТО договор од десет точки за неширење на Алијансата кон руските граници и безбедносни гаранции што беше одбиени од Вашингтон и Брисел, потсети Рјабков, посочувајќи дека со тој договор ќе беше избегнато сценариото за ескалација.
По почетокот, како што Русија ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина, Москва е истрајна во тврдењето дека НАТО и САД се главните закани за безбедноста во Европа. Во тој контекст, руската страна повеќепати нагласи дека сака да ги зајакне своите западни граници.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно во средата на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека САД ќе ги променат и зајакнат својот состав на воени сили во Европа во согласност со „заканите коишто доаѓаат од Русија“, и истакна дека НАТО е „попотребен од кога и да е“. Рече дека САД од почетокот на годината испратиле дополнителни 20.000 војници во Европа.
Исто така, на првиот ден од дводневниот мадридски самит на НАТО, донесена е и најавената одлука за зголемување на бројот на војниците во висок степен на боева приправност на повеќе од 300.000, кои може да бидат брзо распоредени на источното крило на НАТО кон границите на Русија. Во моментов НАТО во своите источни членки има околу 40.000 постојано распоредени војници во осум борбени групи.
На претходните најави за овие чекори на Западот, изминатиот викенд беше објавено дека Русија ќе ѝ испорача на Белорусија ракетни системи „Искандер-М“, како и модернизирани борбени авиони „Су-25“, по средбата на Владимир Путин со белорускиот колега по должност Александр Лукашенко во Санкт Петербург. „Искандер-М“, мобилен балистички ракетен систем со кодно име на НАТЅО „SS-26 Stone“, го замени советскиот проектил Scud. Неговите две наведувани ракети имаат дострел до 500 километри и можат да носат конвенционални или нуклеарни боеви глави, што предизвика загриженост во Европа, бидејќи значително се намалува досегот на европските престолнини на руските напредни ракетни системи.