Најмалку две лица загинаа, а 10 се ранети, меѓу кои и деца, во рускиот напад на Костијантинивка.
„Во бомбардирањето на Костијантивка две лица загинаа, а десет се ранети, од кои двајца се малолетни на возраст од 15 и 16 години“, соопшти Украинското државно правобранителство. Повредените се пренесени во болница. Градот Костјантинивка, кој пред војната имаше 70.000 жители, е блиску до линијата на фронтот во источна Украина, Донбас, зона наменета за руско освојување. Руската армија редовно го бомбардира тој град.
Киев и Москва претходно денеска објавија дека напредуваат во борбите за градот Бахмут, кој е сцена на најдолгата и најкрвавата битка од почетокот на руската агресија. Украинската армија тврдеше дека напредува околу самиот Бахмут, а Москва уверува дека напредува во самиот град, кој веќе во голема мера е под нејзина контрола и во голема мера уништен.
„Операцијата за одбрана во правец на Бахмут продолжува. Нашите војници напредуваат во некои области на бојното поле, а непријателот губи опрема и персонал“, изјави командантот на украинските копнени сили Олександр Сирскиј. Вчера Украина објави дека напреднала два километри околу Бахмут, а Русија тоа го демантираше.