На Москва „не ѝ е гајле“ за опасноста од западни санкции со кои ѝ се закануваат во врска со наводната инвазија која имала намера да ја изведе врз Украина, отворено порача Виктор Татаринцев, рускиот амбасадор во Шведска.
„Простете ми на изразот, ама воопшто не ни е гајле за нивните санкции“, вели амбасадорот Татаринцев за весникот Aftonbladet во интервјуто објавено во саботата вечерта на интернет страницата на шведскиот таблоид.
Западот, предводен од САД, вели дека Русија наводно подготвува инвазија врз Украина и се заканија дека на досегашните санкции ќе ѝ наметнат „досега невидени силни економски санкции“. Иако досега не се прецизирани новите санкции, за кои на Западот велат дека се подготвени и брзо би можело да бидат воведени, според некои извори главно се нацелени на рускиот финансиски и енергетски сектор, како и имотите на руските компании во странство.
„Досега веќе ни наметнаа толку санкции, а тие на одреден начин имаа позитивен ефект врз нашето стопанство и замјоделство“, истакнува Татаринцев на одличен шведски јазик, забележува весникот.
Татаринцев важи за искусен руски дипломат кој во Шведска веќе извршувал неколку должности.
„Само станавме уште посамодовлни и успеавме да го зголемиме извозот. На пример, немаме италијански или швајцарски сирења, но научивме како да правиме исто толку квалитетни руски сирења по италијански или швајцарски рецептури… Новите санкции не се позитивни, но не се ниту толку лоши како што ги претставува Западот“, додава амбасадорот.
Татаринцев смета дека западните земји не го сфаќаат рускиот менталитет, па појаснува дека „Колку повеќе Западот врши притисок врз Русија, толку рускиот одговор ќе биде посилен“.
САД објавија дека стравуваат од „иманентна“ инвазија и се повикуваат на процените на американското разузнавање дека Русија распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, како и дека изведува воени маневри во Црното Море и во Белорусија, дефакто опкружувајќи ја соседната земја.
Меѓутоа, Тататинцев во интервјуто го тврди токму спротивното, дека Русија се обидува да избегне војна.
„Тоа е најискрената желба на нашите политичари. Последното нешто што луѓето во Русија го посакуваат е војна“, порачува амбасадорот.
Во неколкуте преговарачки рунди изминатите неколку дена не беше постигната напредок кон решението на украинската криза, која Западот ја опишува како една од најопсасните од крајот на блоковската идеолошка Студена војна пред три децении.