Русија не украла нацрти за американската „супер-дупер“ ракета – имаме своја, одлична

Русија има свои хиперсонични ракети, па затоа не украла никакви тајни на „супер-дупер“ оружје од САД, изјави за медиумите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп претходно тврдеше дека Москва наводно дошла до тајни информации за, како што рече, американски проектил „супер-дупер“ за време на претседателствувањето на Барак Обама.

„Имаме сопствен проектил, одличен“, рече Песков. „Тешко ми е да кажам дали нашата ракета добро се вклопува со терминот на г-дин Трамп „супер-дупер“, но тоа е добра ракета која засега нема ривали во светот. И не постои само една“, додаде Песков.

Претходно Трамп тврдеше дека Русија украла нацрти за суперсоничната ракета супер дупер“.

„Го украдоа за време на администрацијата на Барак Обама. Украдоа доверливи планови и изградија“, тврди Трамп.

Претставници на Пентагон постојано признаваа во изминатите три години дека САД заостанале зад Русија и Кина во производството на хиперсонично оружје. Тогашниот секретар за одбрана, Марк Еспер, истакна во декември 2020 година дека Соединетите држави го фаќаат чекорот во оваа област.