Русија нема да распоредува нови ракети сѐ додека САД, исто така, се воздржуваат во Европа и Азија, изјави во неделата рускиот министер одбрана Сергеј Шојгу откако Вашингтон се повлече од договорот од перуиодот на Студената војна за елиминација на стратешкото вооружување со кус и среден дострел.
САД официјално на 2-ри август се повлекоа од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), обвинувајќи ја Русија дека го крши, додека Москва одговори дека Вашингтон само бара изговор за да започне трка во вооружувањето.
Договорот во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него се опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.
По повлекувањето на САД, и Русија порача дека нема да се придржува до неговите одредби, но во саботата нејзиниот министер за одбрана порача дека Москва не планира да распоредува нови проектили.
„Ќе се придржуваме до тоа. Доколку нема такви системи во Европа, нема ништо да праиме таму“, рече министерот за одбрана Сергеј Шојгу за државната телевизија Россия 24.
Шогју додаде дека Русија ја презентирала ракетата која предизвикувала сомневања кај американската страна, но претставници на САД ја одбиле поканата.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата седмица ги повика САД на „сериозен дијалог“ за безбедноста, за да се „спрели хаосот“ по излегувањето на Вашингтон од договорот за проектилите, како и најавите за напуштање на другите слични договори, и предупреди од опасноста од „неограничена трка во вооружувањето“.
„За да се спречи хаосот во кој нема никакви правила, граници ниту закони, мораме уште еднаш да размислиме за сите можни опасни последици и да пристапиме на сериозен дијалог без нејаснотии“, истакна Путин во изјавата којашто ја објави Кремљ.
Воедно Путин предупреди дека Русија „ќе биде присилена“ да произведува нови ракети забранети со договорот INF.
САД веќе се повлека и од сличниот билатерален договор со Русија, Договорот за антибалистички проектили (ABM) од почетокот на 2000-те годиним, тврдејќи дека мора да развиваат антибалистичка програма поради одбрана од „одметничките“ држави како што се Иран и Северна Кореја. Вашингтон, исто така, се двоуми и во поглед на договорот СТАРТ-3, потпишан во 2010 година од тогашните претседатели на суперсилите Барак Обама и Дмитриј Медведев, кој останува единствениот договор во моментов кој е на сила меѓу САД и Русија за ограничување на оружјето. Договорот истекува во 2021 година, а досега Вашингтон не се изјасни дали ќе го продолжи, имајќи предвид дека на 2-ри февраури годинава се повлече од Договорот за неупотребување на ракетите со среден дострел. Москва, пак, во неколку наврати искажа подготвеност да се разговара за овој договор.