Русија може да се справи со евентуалната забрана на Европската унија за увоз на течен природен гас (LNG), но тоа ќе ги зголеми цените за европските потрошувачи и ќе донесе загуби за европските компании, објави новинската агенција РИА, цитирајќи висок претставник на Министерството за надворешни работи во Москва.
Европската унија најави дека разгледува за забрана на увоз на руски течен природен гас (LNG) како дел од 14-тиот пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
„Уште еднаш, наметнатите ограничувања директно ќе влијаат на нивните иницијатори“, изјави за РИА Дмитриј Биричевски, директор на одделот за меѓународна соработка во Министерството за надворешни работи во Москва.
Руските извозници на енергија веќе делумно успеаја да го пренасочат својот извоз на нови пазари, особено во Индија и Кина, а тоа искуство може да им помогне и во случајот со забраната за увоз на LNG во ЕУ, додава Биричевски.
Претходно седмицава друг претставник на Минситерството за надворешни работи изјави дека Русија ќе најде други купувачи на светскиот пазар за својот течен природен гас доколку ЕУ престане да го купува. Според директорот на одделот за Европа во министерството, Артјом Студенников, Европа со ваква мерка „си пука во нога“.
Одговорот на Москва дојде откако агенцијата Reuters повикувајќи се на дипломатски извори објави дека Германија и Чешка вршат притисок врз Европската унија да разговара за тоа како да се елиминира преостанатиот увоз на енергенси во Европа од руски извори. Двете земји ќе побараат од Брисел да започне редовни разговори на високо ниво, потенцијално меѓу министрите за енергетика на земјите, за тоа како целосно да се прекине увозот на руската енергија.
Москва го намали извозот на гас во Европа откако членките на ЕУ воведоа санкции по инвазијата на Украина во 2022 година, вклучително и на енергенси, а подморската експлозија на четирите цевководи ги затвори целосно гасоводите Северен тек од поранешниот главен руски снабдувач со гас во Германија.
ЕУ тврди дека брзо ги заменила руските енергенси со обновлива енергија и гас од други добавувачи по далеку повисоки цени, но блокот сепак доби 15 отсто од својот гас од Русија минатата година, и е под политичкиот притисок со целосно откажување од руските енергенси да ги намали приходите на Москва. Русија испорачала повеќе од 15,6 милиони тони руски течен природен гас (LNG) до пристаништата на Европската унија минатата година, според аналитичката компанија Kpler, што е скок за 37,7 отсто во споредба со 2021 година.
Побарувачката за LNG од Русија во Европската унија наводно се намалува во последните две години, според Reuters, покажуваат податоците на Eurostat од вторникот. Во текот на претходната 2023 година таа паднала за 7,4 отсто на годишна основа, откако по 2022 година забележа годишен пад од 13,3 отсто во споредба со 2021 година.
Намалувањето на побарувачката за природен гас делумно се должи на одлуката за намалување на потрошувачката на „синиот“ енергенс во Европската унија, усвоена од Советот на ЕУ во 2022 година. Тоа е дел од мерките за намалување на зависноста од руските испораки на природен гас, усвоени по почетокот на воената инвазија на владетелите во Москва во Украина. Русија го ограничи, во некои случаи целосно прекинато, испораките на гас за земјите од ЕУ, што доведе до повисоки цени.
Берлин и Прага, ќе го упатат повикот за време на состанокот на министрите за енергија на ЕУ во четврток во Брисел, изјавија дипломати на ЕУ за Reuters. Министрите ќе разговараат за пречките со кои се соочуваат при постепено укинување на рускиот увоз на енергeнси. Членките на ЕУ, вклучувајќи ги Австрија и Унгарија, сè уште се во голема мера зависни од увозот на евтиниот руски гас.
Потегот на двете земји е еден од многуте начини на кои ЕУ се обидува да ја заобиколи недоволната поддршка за санкциите меѓу земјите-членки. Унгарија постојано повторува дека ќе ги блокира целосните санкции против Русија, поради можниот тежок удар врз нејзината економија, имајќи ја предвид нејзиината географска положба.
ЕУ веќе го забрани увозот на руски јаглен, како и на суровата нафта транспортирана по поморски пат која сепак нејзините членки ја купуваат преработена во трети земји, а со исклучоци за некои земји без излез на море. Брисел постави цел да го прекине потпирањето на Европската унија од руските енергенси до 2027 година.
Одделно, земјите од ЕУ разговараат за санкции за трансспорт и транзит на руски течен природен гас (LNG) во Европа, но не размислуваат за целосна забрана на увозот. Блокот, исто така, одобри правна опција за земјите од ЕУ да ги блокираат руските компании да ја користат нивната инфраструктура за увоз на гас. Сепак, Шпанија и другите членки изразија загриженост дека доколку го направат тоа самите, рускиот LNG едноставно ќе тече до други пристаништа на ЕУ наместо тами, потсетува Reuters.