Русија лани го зголемила извозот на LNG во Европа за 20 отсто

Минатата 2022 година Русија во Европа испорачала околу 17 милиони тони течен природен гас (LNG) за 20 отсто повеќе во споредба со претходната 2021 година, делумно надоместувајќи ги големиот пад на извозот преку гасоводите на континентот, покажуваат податоците на аналитичкиот ресурс Refinitiv Eikon.

Европските земји ги зголемиле увозот на течниот гас од Русија поради намалените испораки преки гасоводите по воведувањето на санкциите поради нејзината инвазија во Украина а особено Европа остана без испораките од рускиот енергенс по експлозиите кон крајот на ланскиот септември на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, кој не беше во функција и се сметаше за алтернатива по намаленото функционирање на првиот. Потоа следеа и санкциите од Полска за гасоводот Јамал-Европа, а Украина во мај најави суспензија на транзитот на гас преку една од двете рути што ги користи Русија, тврдејќи дека тоа е неопходно поради губење на контролата врз дел од гасоводот, а преостанатата е во сега единствениот извозен правец.

Во такви услови рускиот извоз преку гасоводите во Европа во 2022 година падна на најниското ниво од распадот на Советскиот сојуз во 1990-те години.

Русија, истовремено, во 2022 година го зголемила вкупниот извоз на течен природен гас (LNG) за 8,6 отсто, на околу 33 милиони тони, или 45 милијарди кубни метри, од што повеќе од половината се испорачани во Европа, покажуваат податоците на Refinitiv Eikon.

Најмногу LNG во 2022-ра испорачал најголемиот руски произведувач „Новатек“, кој од проектот „Јамал ЛНГ“ на Арктик доставил 20,8 милиони тони и 700.000 тони од Криогаз-Висотцка на Балтичкото Море, според спомнатиот аналитички ресурс.

Проектот „Сахалин 2“ на рускиот Далечен исток, кој го води „Газпром“, лани испорачал 11,2 милиони тони течен природен гас, за 11 отсто повеќе отколку претходната 2021 година,

Од „Газпром“ и од „Новатек“ не одговориле на барање на агенцијата Reuters да ги коментираат податоците на Refinitiv Eikon.