Руското Министерство за надворешни работи во понеделникот вечерта соопшти дека Сиријците мораат самите да одлучат за нивната иднина и повика на „инклузивна“ влада која ќе ги земе предвид различните етнички и верски интереси на земјата.
Во соопштението, Министерството рече дека Москва внимателно ја следи ситуацијата повеќе од една седмица по падот на претседателот Башар ал-Асад, долго време поддржан од Москва, и како што ситуацијата се смирува под командантот Ахмед ал-Шара, попознат под џихадистичкиот псевдоним Абу Мухамед ал-Џолани, лидер на најмоќната сунитска бунтовничка групација Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), џихадистичка групација поранешната Џебхат ан-Нусра односно сириското крило на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
„Веруваме дека патот до одржлива нормализација на ситуацијата во Сирија лежи во создавање вклучителен дијалог меѓу Сиријците, кој се заснова на постигнување национален договор и напредување во сложениот процес на барање политичко решение“, се вели во соопштението.
„За Русија е важно иднината на Сирија да биде одредена од самите Сиријци. Веруваме дека децениското пријателство и заемно почитување меѓу народите на нашите земји ќе продолжат да се развиваат конструктивно“, се додава во соопштението на руската дипломатија.
Се истакнува и дека со векови муслиманите живеат рамо до рамо со христијаните во Сирија, вклучително и грчката Антиохиска патријаршија во Дамаск, која е поврзана со Руската православна црква.
Кремљ во понеделникот објави дека сѐ уште не се донесени конечни одлуки за иднината на руските воени бази во Сирија и дека е во контакт со моменталните власти во земјата.
Четворица сириски функционери изјавија за време на викендот дека Русија ги повлекува своите војници од фронтот во северна Сирија и од позициите во Алавистските планини, но не ги напушта своите две главни бази.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад во понеделникот изјави дека бил евакуиран во Русија од базата Хмејмим во Сирија, која била гаѓана со дронови вечерта на 8-ми декември, откако утрото го напуштил Дамаск додека исламистичките борци му се приближувале на главниот град.
Претседателот Асад, според руското Министерство за надворешни работи, водел преговори со некои учесници во конфликтот, при што одлучил да поднесе оставка од функцијата и да ја напушти земјата, истакнувајќи дека Москва не учествувала во таквите преговори.