Русија порачува дека на САД им се заканува понижување во Украина како и во Виетнам

Русија во неделата соопшти дека поддршката на американските пратеници за нова воена помош за Украина во износ од 60,84 милијарди американски долари покажува дека Вашингтон тоне сѐ подлабоко во хибридна војна против Москва која ќе заврши со понижување како во Виетнам или Авганистан, пренесува Reuters.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека е јасно оти САД сакаат Украина „да се бори до последниот Украинец“, вклучително и со напади врз руска стауверена територија и цивилите.

„Подлабокото и подлабоко вклучување на Вашингтон во хибридната војна против Русија ќе се претвори во гласно и понижувачко фијаско за САД како Виетнам или Авганистан“, порача Захарова.

Русија „безусловно и решително ќе одговори“ на американската одлука да се вклучи дополнително во украинската војна, додаде таа.

Заменик рускиот амбасадор во Обединетите нации, Дмитриј Полјански, во неделата изјави дека „нема што да се слави“, алудирајќи на триумфалистичките изјави на американсите законодавци кои ги развееја украинските знамиња во Претставничкиот дом на Конгресот во текот на прифаќањето на нацрт-законот за дополнителна воена помош на Киев.

Полјански во објава на социјалните мрежи напиша дека војната ќе продолжи и дека „повеќе пари ќе завршат во нечии џебови, ќе биде украдено повеќе оружје и десетици илјади Украинци ќе завршат во мелницата за месо“. Додаде и дека поразот на Украина е „неизбежен“.