Русија разменила ставови со Соединетите држави и Европската унија за ситуацијата во ерменската енклава Нагорно Карабах пред минатомесечната молскавична воена операција на Азербејџан, изјави во средата портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Претходно изданието Politico извести дека највисоки функционери на САД и ЕУ се сретнале со своите руски колеги во Турција поради итни разговори за Нагорно Карабах само неколку дена пред Азербејџан да ја поведе операцијата во регионот на неговата меѓународно призната територија а за кој војуваше со соседна Ерменија во 1990-те, последен пат во 2020 година кога оствари значајна воена надмоќ.
„Ни се обратија функционери од САД и ЕУ и побараа да одржиме состанок. На состанокот немаш никакви тајни преговори, стануваше збор за вообичаена размена на мислења. Ќе видиме како Западот сето тоа ќе го презентира“, рече Захарова за новинаритите повторувајќи дека биле разменети мислењата за ситуацијата во Нагорно Карабах.
Заменикот на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, за новинарите потврди дека состанокот не бил таен и дека „се собраа за да разговараат за итните хуманитарни прашања и организација на потенцијалната хуманитарна помош на населението на Нагорно Карабах“.
„Соединетите држави и натаму е бидат многу ангажирани во поглед на ситуацијата таму. Ќе продолжиме и натаму доследно да им помагаме на сите страни во настојувањата на Јужен Кавказ да се постигне траен мир“, рече Пател.
Според официјални, но непотврдени информации, порано во Нагорно Карабах живееле 120.000 етнички Ерменци автохтоно население. Азербејџан, откако во 2020 година изведе жестока воена операција во регионот во која зазема стратешки важни позиции во Карабах, пред две седмици со молскавична операција ја презеде целосната контрола врз спорниот регион со децении во воена состојба.
Непризнатата самопрогласен ерменска Република Арцах, која управуваше со Нагорно Карабах, потоа капитулираше и минатата седмица исто така објави дека ќе престане да постои од 1-ви јануари 2024 година.
Азербејџанската влада и Русија, која се сметаше за покровител и заштитник на Ерменија во војните од 1990-те години до пред две години откако ерменскиот премиер Никол Пашинјан почна да се свртува кон Западот, објавија дека нема причина луѓето да бегаат. Сепак, Ерменците од Карабах стравуваат од прогон и насилство од азербејџанската страна.
Според ерменската влада, во близина на Нагорно Карабах е формиран хуманитарен центар за бегалци. Во самиот регион Нагаорно Карабах, пак, помошта ја пружаат припадниците на рускиот мировен корпус.