Русија пресретнала странски разузнавачки авиони и бомбардери на своите граници

Руските ловици од типот „Су-27“ во петокот престретнале неколку воени авиони, шпионски и бомбардери, кои се движеле кон руските државни граници, соопшти рускиот Национален центар за контрола на одбраната.

Според извештајот, над неутралните води над Балтичкото Море, руските системи откриле три неидентификувани летала кои се движеле кон руската граница. За нивна идентификација дежурните сили на противвоздушната одбрана на руската Балтичка флота испратиле авион од типот „Су-27“.

„Екипажот на рускиот ловец ги идентификувал воздушните цели како стратешките разузнавачки авиони: американски од типот ‘RC-135’, шведски ‘Gulfstream’ и дански ‘Challenger’“, се наведува во соопштението.

Откако странските авиони го промениле курсот и се оддалечиле од граничниот појас, рускиот ловец се вратил на матичниот аеродром, се додава во соопштението.

Истовремено во петокот, два руски ловца „Су-27“ од составот на противвоздушната одбрана на Јужниот воен округ биле кренати во воздух откако над меѓународните води на Црното Море биле регистрирани воздишни цели кои без најава се приближувале на руските граници.

Руската команда истакнува дека екипажите на руските ловци „приближувајќи се на безбедно растојание“ ги идентификувале леталата како стратешките бомбардери на американските воздухопловни сили „В-52Н“. Станува збор за прелетот кој денеска американските бомбардери го извршија над 30-те земји членки на НАТО, вклучително и Македонија, во намерата да демонстрираат солирадност во Алијансата

По маневрите со кои странските авиони го промениле правецот, руските авиони се вратиле во базата, но подоцна повторно еден од нив полетал откривајќи американски разузнавачки авион „RC-135“.

Станува збор за зачестени во последниот период пресретнувања на борбени авиони на западните земји кои летаат во близина на руските воздушни граници со исклучени транспордери поради што е оневозможена идентификацијата од земја, па се применува визуелно препознавање на леталото, а во повеќе досегашни случаи двете страни известуваа за избегнување на инциденти наводно поради опасни маневри на руските ловци.

Засега нема реакции на земјите членки на НАТО, а руската команда истакна дека во сите денешни случи руските авиони дејствувале „строго во согласност со меѓународниет правила за користење на воздушниот простор и недозволиле нарушување на државните граници“.