Русија пријави најголем дневен број починати и оздравени од коронавирусот

Русија во вторникот пријави 174 смртни исходи како последица од зараза со новиот тип коронавирус во последните 24 часа, што е најголемиот број починати на дневно ниво.

Русија потврди 362.342 случаи на зараза во кластер во кој се вбројуваат и заболените од вирусна пневмонија како најчеста и најопасна форма предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, со 3.807 смртни случаи директно поврзани со заразата. Тоа претставува стапка на смртноста од 1 отсто, соопшти сојузната служба за следење на епидемијата.

Руските здравствени власти забележуваат и стапка на опаѓање на бројот на заразените во последните седмици, како и локалните регионални власти кои се подготвуваат за укинување на рестриктивните карантински мерки кои ја погодуваат економијата.

Истовремено, руските здравствени власти го пријавија и најголемиот дел на оздравени лица во едно деноноќие, односно 12.331 пациент отпуштен од болниците. Вкупно од почетокот на епидемијата во Русија досега оздравени се 131.129 лица.

Русија го има третиот најголем број заболени од коронавирусот по САД и Бразил, според податоците на американскиот универзитетот „Џонс Хопкинс“. Но земјата според бројот на починатите од болеста има меѓу најниските стапки на смртност, што на Запад е проследено со неофицијални но медиумски истакнати обвинувања за наводно прикривање на податоците.