Руските воздухопловни сили ги собориле украинските борбени авиони „Су-24“ и „МиГ-29“ коишто учествувале во ракетирањето со британските наведувани проектили „Storm Shadow“ врз градот Луганск во истоимениот југоисточен регион кој од 2014 година е под контрола над проруските сепаратисти а од минатиот септември со референдум тамошното доминантно руско население се реши за присоединување кон Русија, како и соседните региони Доњецк, Херсон и Запорожје, што меѓународната заедница го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија.
Како што објави руското Министерство за одбрана двата украински борбени авиони во петокот доцна попладнето извршиле ракетен напад врз две фабрики во Луганск, едната за пластика а другата за преработка на месо. Тие локации се на околу 100 километри зад првата линија на фронтот.
„Во нападот од страна на режимот во Киев беа користени авијациските ракети Storm Shadow испорачани од Велика Британија, и покрај тврдењата на Лондон дека таквото оружје нема да се користи за напади врз цивилни цели“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Се додава дека руските ловци го собориле украинскиот „Су24“ кој ги истрелал проектилите, како и авионот од типот „МиГ-29“ кој ја имал улогата да го прикрие. Според министерството во двете погодени фабрики во Луганск избувнале пожари а оштетени биле и најблиските куќи. Во соопштението се наведува дека биле повредени цивили, притоа бројката не е наведена но се истакнува дека меѓу нив шест се деца.
Во саботата утрото украинските воздухопловни сили истрелале уште еден проектил „Storm Shadow“ кон Луганск и притоа била погодена една населба, оштетени биле седум домови а повредена една стара жена.
Истовремено, во соседната ткн „Народна република“ Доњецк, тамошните руски власти објавија дека се повредени шест цивили во украинско ракетирање врз три населени места во регионот кои се во дострелот на украинската артилерија. Според нив, за два часа гранатирање украинската војска врз овие населби истрелала 17 гранати со калибар 115 милиметри и 20 гранати со калибар од 152 милиметри.
Според руското Министерство за одбрана, единиците на руската војска во борбите за градот Бахмут (Артјомовск) на границата на регионот Доњецк, успеале да заземат „уште една населба во севрозападниот дел од градот“.
„Во доњецкиот дел (од боиштето) јуришните одреди ослободија кварт во северозападниот дел на градот Артјомовск (Бахмут на украински) …. Воздухопловните сили им дадоа поддршка и ги оневозможија непријателските сили на крилните позиции…Оперативно тактичките и армиски авијациски сили, како и артилеријата им нанесоа пораз на украинските сили во областите на населените места Горловка, Красноје и Часов Јар, исто така, во Доњецк“, се наведува во објавата.
Претходно во вторникот беше потврдено дека руските единици во северниот дел на Бахмут се повлекле на резервно позиции, што шефот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, кој е во жесток судир со воениот врв, го нарече пораз.
Агенцијата Reuters пишува оти се чини дека украинските војски се обидуваат да ги опколат руските единици во утврдениот Бахмут, каде руската страна вели дека контролира три четвртини од градот, за кој со месеци се водат жестоки борби со многу жртви на двете страни.
Украинската војска објави во петокот дека во изминатите три дена со противнапади повратила под контрола 17 квадратни километри од Бахмут, но отфрли дека долгонајавуваната противофанзива започнала.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-полковникот Игор Конашенков на дневниот брифинг изјави дека украинската војска започнала напад северно од Бахмут со повеќе од 1.000 војници и околу 40 тенкови, што би била најголемата украинска офанзивна операција од крајот на ноември.
Руските сили одбиле 26 напади, но војската во една област се повлекла за прегрупирање на поповолна позиција во близина на акумулацијата Берхивка, северозападно од Бахмут, рече портпаролот Конашенков.
Пригожин во аудио порака, што е невообичаено за неговите изјави на социјалните мрежи каде редовно се јавува со снимка од боиштето, и чија автентичност не е утврдена, рече дека украинската војска заземала висока позиција над Бахмут и го пробила патот кон води на запад кон Часов Јар, како и дека украинските сили повратиле 5 квадратни километри во градот. Министерството за одбрана на Русија ги негираше тврдењата на Пригожин дека руските единици на јужниот и северниот дел од градот ќе се повлечат.