Русија ја стави во функција интерконтиненталната балистичка ракета „Булава“, која може во овој случај да биде лансирана од подморница, како и од бродови, известуваат во вторникот медиуми, што е нов елемент во модернизацијата на нејзиниот нуклеарен арсенал.
Објавата доаѓа откако британските медиуми објавија дека Лондон му дал дозвола на Киев со британските оружје со долг дострел може да го гаѓаат Керчкиот мост кој го поврзува црноморскиот полуостров Крим и копното на Русија.
Истовремено, овој потег на Москва беше најавен во предупредувањата откако САД префрлија во Велика Британија авиони на „F-35“ кои носат нуклеарно оружје, како и најавата дека наскоро на Киев ќе му ги предадат борбените авиони „F-16“, од кои некои модификации, исто така, носат нуклеарни проектили.
Новинската агенција ТАСС го цитираше главниот дизајнер на „Булава“, Јуриј Соломонов, кој рече дека одлуката е објавена со декрет од 7-ми мај, истиот ден кога претседателот Владимир Путин го започна новиот шестгодишен мандат во Кремљ.
Путин уште од почетокот на војната во Украина го предупредува Западот дека директната интервенција на силите на НАТО на границите на Русија е закана за безбедноста и опстанокот на руската држава, што може да предизвика нуклеарен конфликт.
Во март тој рече дека не верува оти Вашингтон „брза“ кон тоа, но нагласи и дека руските нуклеарни сили се технички подготвени.
Ланскиот ноември, Министерството за одбрана соопшти дека една од подморниците успешно ја тестирала Булава, гаѓајќи од подводна позиција во Белото Море и погодувајќи ја целта илјадници километри оддалечена на полуостровот Камчатка на крајниот исток.
ТАСС соопшти дека руската северна и пацифичка флота сега вклучува седум подморници од класата „Бореј-А“, од кои секоја има по 16 „Булава“.
Соломонов е главен конструктор на Московскиот институт за топлинско инженерство, а ги развил и руските интерконтинентални балистички ракети „Топол-М“ и „Јарс“.
Според Вашингтонскиот центар за стратешки и меѓународни студии, „Булава“ има дострел од 8.300 километри. Руските отворени извори наведуваат дека „Булава“ има дострел од 10.000 километри и може да носи 10 боеви глави со моќност од 150 килотони.