Русија воведува закон со кој се забранува сурогат мајчинство за странци

Русија наскоро ќе усвои закон со кој на странците им се забранува да користат руски сурогат мајки, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин.

Платеното сурогат мајчинство е легално во Русија, но во верската заедница е критикувано како комерцијализација на раѓањето деца, јави Танјуг.

-Мора да се направи се за да се заштитат децата. На странците мора да им се забрани да користат услуги за сурогат мајчинство. Оваа одлука ќе ја донесеме на почетокот на декември, рече Володин.

Тој истакна дека во последните неколку години околу 45.000 бебиња родени од руски сурогат мајки биле однесени во странство.

По првата парламентарна расправа во мај, руските пратеници речиси едногласно го усвоија законот, а доколку биде усвоен во последната трета парламентарна расправа, предлогот ќе биде испратен до Горниот дом на Парламентот, а потоа до претседателот Владимир Путин на конечен потпис.