Реагирајќи на забраната за работа и емитување на руските медиуми во Велика Британија, Русија во вторникот одговори со забрана за влез на нејзината територија на 29 британски новинари и на уште 20 лица поврзани со британскиот одбранбен сектор кој речиси цела деценија ја снабдува соседна Украина со оружје, објави руското министерство за надворешни работи.
Русија појасни дека оваа одлука е одговор на истите мерки спроведувани кон руските медиуми изминатите години, и особено поради ширењето лажни вести и разгорувањето на русофобијата на Западот.
Меѓу 29-те новинари, на коишто им е забранет влезот во Русија се и припадници на британските медиумски куќи BBC, Sky News, Guardian и Times, кои на Западот се доживуваат како главен извор на информации за војната во Украина, додека Москва ги смета за главен извор на „лажните вести“ и ширење на „антируската пропаганда“.
„Британските новинари кои се на списокот се вклучени во намерното ширење лажни и еднострани информации за Русија и случувањата во Украина и во Донбас. Со своите пристрасни процени тие, исто така, придонесуваат за разгорување на русофобијата во британското општество“, соопшти во писмената изјава руското министерство за надворешни работи.
На списокот се новинари , водители, уредници и високо рангирани менаџери, вклучително и главните уредници на весниците Times, Daily Telegraph, Independent и Guardian.
Москва претходно најави дека ќе преземе реципрочен одговор на западните забрани за работа и емитување на руските медиуми во странство. Претходно веќе забрани влез за десетици американски и канадски новинари, коишто меѓу другото ги одбиваа и поканите на Москва на теренот организирано да ја регистрираат ситуацијата во одметнатите проруски украински региони во Донбас или да разговараат со украинските воени заробеници.