Русија втора во светот по бројот потврдени случаи на коронавирусот

Бројот на заразените со новиот коронавирус во Русија достигна 232.243 лица, соопшти во вторникот федералниот оперативен штаб за справување со болеста Covid-19, со што земјата според бројот на официјално потврдени случаи ја мина Шпанија и го зазема второто место во светот зад САД.

Во последното деноноќие во Русија се откриени дополнителни 10.899 случаи на зараза, откако во понеделникот беше објавено за рекордни 11.656 случаи. Со тоа дневниот раст на бројот нови случаи е минимален од почетокот на епидемијата и изнесува 4,92 отсто, наспроти 5,56-процентниот раст од ден претходно.

Според процените на агенцијата ТАСС направени врз официјално достапните податоци, стапката на редистрибуцијата на коронавирусот во Русија, која покажува колку лица во просек заразува едно инфицирано лице пред неговата изолација, се одржува на вредноста 1.04 трет ден по ред. На крајот од минатата седмица овој показател изнесуваше, пак, 1.12 лица.

Во моментов на 100.000 население има потврдени 158 случаи на инфекција во Русија. За споредба, во Шпанија оваа бројка е далеку поголема – речиси 487 случаи.

Во Русија од последиците на болеста Covid-19 починале 2.116 лица, од кои 107 во последните 24 часа, што е стапка на смртност од 0,91 отсто од заразените. Во Шпанија, пак, според последните податоци има 26.744 починати.

На првото место според бројот на заразените се САД, каде што според процените на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, има потврдено 1.437.916 случа на зараза, или повеќе од 400 на 100.000 жители. Притоа во САД починале повеќе од 80.000 пациенти со коронавирус, што е смртност од 5,6 отсто.

Во последното деноноќие во Русија се излекувани 3.711 пациенти, а од почетокот на епидемијата во земјата вкупно 43.512 пациенти се отпуштени од болниците.

Руските здравствени власти забрзано го спреведуваат масовното тестирање на населението, така последното деноноќие се изведени 168.000 тестови на коронавирусот. Севкупно досега во земјата се спроведени 5,8 милиони тестови.