Фудбалерите на Русија изгубија од Словачка во второто коло, но не би било чудно ако го завршат турнирот само по два натпревари.
Иако и натаму имаат шанси за следните фази од ЕП во Франција, Русите би можеле да ја платат цената за дивеењето на нивните навивачи.
УЕФА вчера им даде условна суспензија и им се закани дека ќе бидат исфрлени доколку се повтори уште еден инцидент, а токму тоа се случи на денешниот меч со Словачка.
Руските навивачи запалија факели и со тоа ја загрозија безбедноста на публиката на стадионот, а што им беше строго забрането од страна на Европската куќа на фудбалот. Со овој потег, тие според утврдените правила, ја заслужија суспензијата, а сега се чека одлуката на УЕФА.
Избраниците на Леонид Слуцки изгубија на стадионот „Пјер Моро“ со 2:1 и останаа на последното место во групата Б со еден бод од двата натпревари.