Русија, Кина и Јапонија во петокот изразија задоволство поради одржувањето и исходот од корејскиот самит на кој беше воден дијалогот меѓу севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин, пренесуваат агенциите.
Кремљ во петокот го нарече состанокот на врвот на двајцата корејски челници „многу позитивна вест“.
„Ова е многу позитивна вест. Претседателот Владимир Путин повеќепати истакнуваше дека трајното решение на ситуацијата на Корејскиот полуостров може да се темели само на директниот дијалог. Денеска гледаме дека тој директен дијалог се случи и дека ги отвора своите вистински можности“, додаде Песков оценувајќи гои како „многу позитивен фактот дека двајцата челници се сретнале, како и резултатите од нивниот разговор“.
Кина, единствениот постојан сојузник и економски партнер на Пјонгјанг, во петокот „со ракоплескање“ го поздрави“ самитот на севернокорејкиот водач и јужнокорејскиот претседател пофалувајќи ја „нивната смелост“ и нарекувајќи го „историски момент“ нивното ракување на линијата на разграничувањето која го дели Полуостровот.
„Кина со аплауз ја поздравува историската етапа којашто ја означија двајцата челници, ѝ се восхитуваме на смелоста и на политичката волја којашто ја покажаа (…) и се надеваме дека (настанот) ќе даде позитивни резултати“, изјави Хуа Чунјинг, портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи.
И Шинзо Абе, премиерот на Јапонија, земјата којашто се чувствуваше многу загрозена од развојот на нуклеарната и балистичката програма на Пјонјанг и којашто особено последната половина година неколкупати беше прелетувана од севернокорејски проектили, изрази задоволство од самитот на корејските челници, истакнувајќи дека се надева оти ќе го следат „конкретни дела“.
„Сакам да го поздравам овој позитивен чекор кон целосното решавање на прашањето во врска со Северна Кореја (…) Искрено се надеваме дека Северна Кореја ќе започне конкретно да дејствува поттикната од оваа средба и самитот на кој ќе учествуваат САД и Северна Кореја“, изјави Абе за новинарите оценувајќи го самитот како „искрен разговор за денуклеаризација на Северна Кореја“.