Русија потврди во неделата дека запленила три украински брода, при што било употребено оружје за да се спречат бродовите да минат низ Керчкиот теснец во Азовското Море, односно илегално да ја минат руската граница, поради што е покренато кривично дело за нарушување на режимот на границата, а Киев ноќта кон понеделникот објави дека воведува воена состојба.
Руската агенција за внатрешна безбедност ФСБ, објави дека по нарушувањето на државната граница на Русија од саботата утрото, во 19 часот по локално време во неделата (20 часот по македонско), бил направен уште еден обид за нелегални дејствија во областа на руските територијални води. Притоа се истакнува дека украинските бродови „не реагирале на легалните и законски барања“ на бродовите и чамците на пограничната служба на ФСБ и на Црноморската флота веднаш да запрат, правејќи притоа опасни маневри, се додава во соопштението кое го пренесуваат руските медиуми.
„Поради присилно запирање на украинските воени бродови, беше користено оружје. Тоа резултираш со запленување на сите три пловила на воената морнарица на Украина во територијалните води на Руската Федерација во Црното Море. На тројцата ранети војници на вооружените сили на Украина им е укажана лекарска помош. Нивните животи не се загрозени“, истакнуваат од ФСБ.
Украина, пак, објави дека се ранети шест нејзини морнари. Киев објави дека по состанокот на полноќ по локално време нејзиниот Совет за национална безбедност и на Совет за одбрана, е прогласена вонредна воена состојба. Донесена е одлука за прогласување воена состојба на територијата на Украина во следните 60 дена, а решението треба да го потврди парламентот Врховната Рада.
Поранешните билатерални договори меѓу Русија и Украина дава право за користење на Азовското Море, коешто со Црното Море е поврзано со тенисот морски премин Керчскиот теснец. Тензиите во овие води ескалираа, откако во март 2014 година мнозинското руско јазично и руско население на црноморскиот полуостров Крим на референдум изгласа враќање на автономијата укината во 1990те години со осамостојувањето на Украина, и присоединување кон Руската Федерација. Украина и Западот ова го сметаат за нелегално руско анектирање на украинска територија.
Од руското ФСБ во врска со тоа соопштија дека „Украина е запознаена со режимот на преминување на воените бродови преку територијалните води на Русија и по Керч-Еникалскиот канал“. Тој режим, се додава во соопштението, претходно беше користен за остварување на цивилниот транспорт. Од ФСБ, исто така, истакнуваат дека на „киевското раководство, преземајќи вакви опасни и неодговорни одлуки, треба да се замисли за последиците од своите активности. Руската безбедносна агенција притоа ветува дека ќе ги објави доказите за подготовка и за извршување провокации од страна на Киев преку силите на воената морнарица на Украина во црноморскиот акваториум.
Европската унија и НАТО веднаш повикаа на смирување на тензиите во Азовското Море и побараа од Москва да овозможи минувања низ Керчкиот теснец, кој е стратешки поморски пат, кој според Москва, украинската страна се обидува да го блокира.
„Очекуваме дека Русија повторно ќе ја воспостави слободата на минувањето низ Керчкиот теснец и ги повикуваме сите страни да дејствуваат со максимална воздржаност, за да се дојде до итно смирување на тензиите“, се наведува во соопштението на ЕУ.
НАТО преку својот портпарол, исто така, повика на „воздржаност и смирување на тензиите“.