Русија го повика лидерот на опозициската Сириска национална коалиција, Ахмед Џарба да учествува во мировната конференција за Сирија, соопшти министерството за надворешни работи на Русија по средбата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров со група претставници на сириската опозиција, предводена од нејзиниот претседател Џарба, пренесе „ИТАР-ТАСС“.
„Од руска страна беа изложени принципиелните пристапи во корист на побрзото лансирање на меѓусирискиот дијалог преку одржувањето на меѓународната конференција, закажана за 22 јануари со учество на делегации на Владата на Сирија и опозицијата, без предуслови“, соопштија од руското надворешно министерство.
„Кон лидерот на сириската опозиција беше упатен настојчив апел да се обврзе да обезбеди учество на Народната коалиција, во составот на репрезентативната делегација на опозицијата на престојниот форум во интересите на прекин на конфликтот, обединувањето на сите Сиријци во бескомпромисна борба со тероризмот и координирањето на општоприфатливите рамки на преоѓањето кон мирно решавање на конфликтот, во согласност со желбите на сите граѓани на Сирија“, додале од министерството.