Русите бесплатно добиваат земјиште на Арктик

Во настојувањата да го развие крајниот север богат со ресурси, руските власти ќе им овозможат на Русите бесплатно да добијат земјиште во арктичката област на земјата, за таму да ги изградат своите домови и да започнат бизниси, според нацрт-законот кој го подготви владата.

Во долгорочната стратегија за развој на земјата на претседателот Владимир Путин, рускиот дел од Арткикот има приоритет, како и обновувањето на тамошната инфраструктура, започната со повторното враќање на руското воено присуство во регионот и со обновување или градење нова пристанишна мрежа во обидот северниот морски превец да го направи важна поморска рута, која би настанала имајќи ги предвид проекциите на стручњаците во врска со глобалното затоплување.

Нацрт-законот кој го подготвило министерството за национални ресурси предвидува програма според којашто жителите на рускиот Арктик би можеле да добијат до еден хектар земјиште за таму да изградат куќа или да го користат за разни деловни активности, на пример за туризам.

По шест месеци оваа програма, популарно наречена „поларен хектар“, би била отворена за сите Руси, се наведува во соопштението на министерството. Пред да стане закон, предлогот треба да го одобри парламентот и претседателот Путин.

Според предлогот, секој акрктички регион би одредил земјишта кои ќе ги стави на располагање за програмата. Тие имоти ќе бидат дадени на пет години по коишто нивните сопственици би требало да се регистрираат како сопственици или да ги добијат во долгорочни наеми.

Русија слична иницијатива покрена на својот Далечен исток во 2016 година, за да го поттикне економскиот раст и стандардот на населението во своите ретко населени области.

„Тоа дефинитивно ќе биде фактор за привлекување нови жители на Арктик, вклучително и започнување на мали претпријатија“, изјави гувернерот на регионот Мурманск.

Од 2,5 милиони жители, околу 90 отсто од населението на рускиот Арктик, живеат во големите градови како Мурманск, Норислк и Архангелск, се додава во соопштението на министерството.

Москва во периодот на Советскиот сојуз го јакнеше своето присуство во областа, но тамошната индустрија започна да слабее откако во 1991 година се распадна СССР што доведе и до пад на бројот на тамошното население.